Позитивна на коронавирусот е Јадранка Поцкова, која по професија е специјалист невролог, а која е пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ – партијата која се противи да се предвиди можност за онлајн гласање
Тројца пратеници се моментно заразени со ковид-19, изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, појаснувајќи го предлогот на парламентарното мнозинство за тоа како Собранието да функционира во услови кога се влошува ситуацијата со ковид-19.
Како што изјави Митревски, во вакви околности, кога државата и граѓаните се соочуваат со ковид-кризата, не смее да се дозволи нефункционалност на институциите.
Поради тоа, како што рече, на денешната координација, координаторите на пратеничките групи од мнозинството предложиле решение според кое само пратениците кои имаат решение за изолација да гласаат електронски и да се водат како присутни на седницата.
Митревски не кажа кој е третиот пратеник што е заразен со ковид-19, со оглед на тоа што досега беше познато дека позитивни на новиот вирус се двајца пратеници од парламентарното мнозинство, посочувајќи дека има информации дека претходно бил позитивен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, ама дека за тоа треба да се побара информација од ПГ на опозициската партија.
Според информациите од ВМРО-ДПМНЕ станува збор за пратеничката Јадранка Поцкова, која по професија е лекарка, односно специјалист невролог. Таа е во изолација уште пред да се дознае дека позитивни на ковид-19 се пратениците на СДСМ и на ДУИ, Лазе Таневски и Исмаил Јахоски.
Митревски рече дека и другите парламенти во Европа усвоиле комбиниран пристап за работа во време на пандемијата. Според него, за да се воведе новина според која пратеници кои се во изолација ќе може да гласаат онлајн, не се потребни уставни измени, додека за измените што треба да се направат во Деловникот вели дека очекува консензус со опозицијата.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пак, изјави дека власта ќе се соочи со сериозна политичка криза ако се обиде на мускули да истурка одлука за онлајн-седници
„Ако власта избутка онлајн-седници на мускули, на краток рок, ќе се соочи со политичка криза, а на подолг рок со можноста тие измени да паднат на Уставен суд бидејќи би биле донесени во процедура која е спротивна на Уставот“,
изјави Милошоски
(Веста се надополнува)
„На денешната координација кај претседателот Џафери се отвори дебата за начинот како да излеземе од оваа ситуација со ковид-19. Со оглед на тоа што моментно тројца пратеници се позитивни, апелираме до опозицијата да не биде кочничар на битни процеси, како што е донесувањето на ребалансот. Не се работи за големи измени во Деловникот, туку само за прецизирање што значи присуство на пратеник, дали физичко присуство или, пак, присуство онлајн“,
изјави Изет Мецити, координаторот на пратеничката група на ДУИ.
Меџити ги повика опозициските пратеници да покажат солидарност, да ги имаат предвид компаративните искуства од функционирањето на парламентите низ Европа, како и тоа дека веќе и Владата работи онлајн.