Според претседателот на УПОЗ, прво треба да се донесе законот за висока раководна служба, каде што ќе има професионалци, а потоа да се зборува за Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници
Ако сакаме реформа во јавна администрација првата реформа што треба да се направи е да се донесе закон за висока раководна служба каде ќе се ограничи, односно ќе и се оневозможи на владата да именува директори, генерални секретари, државни секретари и веќе тие функции да ги извршуваат професионалци. Ова го истакна претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, пред почетокот на денешната јавна расправа за Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници организирана од МИОА.
„Не се проблем вработените, проблем се менаџерите, односно политичките партии кои сами си вработуваат луѓе и само носат одлуки без да консултираат никој друг“,
додаде Деаноски.

Според Деаноски, прво треба да се донесе Законот за високо раководна служба, каде ќе има професионалци на високо раководни служби, а потоа да се зборува за Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници.
„Ако сакаме да имаме реформа и да имаме заслужни и добри кадри треба да имаме добар мерит-систем и добар избор на вработувања во администрацијата. За овој закон од министерството има слух, но нема од политичките партии бидејќи не им одговара да има такви стручни и кваилификувани кадри на раководни позиции. Секогаш политичките партии сакаат да си имаат нивни директори, државни секретари, генерални секретари. Додека тоа не го тргнеме реформата во администрацијата нема да продолжи како што треба“,
додаде Деаноски.
Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити рече дека на Законот за висока раководна служба се работи и очекува дека до крајот на оваа година ќе има финализирана нацрт-верзија.
„Ние како МИОА сакаме сите овие закони да ги одобриме и да одат истите во парламент. Очекуваме политичка поддршка од сите бидејќи навистина нашиот пристап како Министерство е да ја направиме администрацијата како што треба“,
додаде Алити.

Со оглед на тоа што во последно време многу се зборува за злоупотреба на алатката балансер, министерот посочи дека со новото законско решение таа повеќе нема да може да се злоупотребува.
„Тоа значи дека кандидатот кој ќе аплицира за одредена работа, откако еднаш ќе селектира националност Македонец, Албанец, Турчин или друга националност, истата нема да може да ја промени“,
рече Алити.
Тој напомена дека ќе се воведат одредени реформи во администрацијата, бидејќи како што рече, во постоечката законска рамка има таков вакуум што им дава можност на политичките партии да вработуваат нивни послушници.
„Постојат ситуации каде без тестирања и без соодветни документи можеа да се вработат лица во јавен сектор. Тоа ние сега сакаме да го коригираме. Доколку ги видите членовите од законите сега, ќе видите дека и процесот на вработување сега е многу потранспарентен и навистина има мерит-систем при вработувањето“,
додаде Алити.
Алити најави дека со Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници сакаат администрацијата да ја деполитизираат и да ја направат потранспарентна и поефикасна во давање на услуги за граѓаните.