Интервенцијата на полицијата во кампусите на универзитетите „Јеил“ и „Њујорк“ доаѓаат по неколку тензични дена во кампусите на неколку други високообразовни установи во Соединетите Американски Држави
Десетици лица се уапсени од полицијата на пропалестинските протести на Универзитетот „Јеил“ во Конектикат и на Универзитетот „Њујорк“ на Менхетн, најновите од бранот демонстрации што избувнаа на највисокорангираните универзитети во САД против војната на Израел во Газа, пренесуваат светските медиуми.
Интервенцијата на полицијата и апсењата на двата универзитета се случиле неколку часа откако Универзитетот „Колумбија“ ги откажа предавањата во живо поради протестите во универзитетскиот кампус кои, исто така, доведоа до апсења минатата недела.
Во кампусот на Универзитетот „Јеил“ во Њу Хејвен, Конектикат, полицијата вчера вечерта уапсила 47 демонстранти, соопштиле од универзитетот. На студентите што се приведени ќе им бидат одредени дисциплински мерки.
Демонстрантите го блокирале сообраќајот околу кампусот на „Јеил“ барајќи универзитетот да ги прекине финансиските врски со компаниите производители на воено оружје.
Од друга страна, претставници на раководството на универзитетот упатиле неколку повици до студентите да ги прекинат протестите и да си заминат предупредувајќи ги дека во спротивно може да се соочат со интервенција на органите за спроведување на законот и со дисциплински мерки.
Освен на „Јеил“, полицијата интервенирала и во кампот на „Гулд плаза“ во близина на Универзитетот „Њујорк“, каде што стотици демонстранти, исто така, се оглушиле на предупредувањата на Универзитетот дека ќе се соочат со последици доколку не го напуштат плоштадот.
На видеата што се споделуваат на социјалните мрежи се гледа како полицијата ги отстранува шаторите поставени во кругот на универзитетскиот кампус, во тензична и на моменти хаотична атмосфера.
Дел од демонстрантите влегле во вербален судир со полицајците скандирајќи: „Нема да застанеме, нема да мируваме. Обелодени. Откажи“.
Портпаролот на њујоршката полиција, како што пренесува „Гардијан“, изјавил дека апсењата биле извршени откако од страна на универзитетот била побарана нејзина интервенција. Точниот број приведени студенти засега останува непознат, а подетални информации се очекуваат во текот на денешниот ден.
Студентскиот весник „Вашингтон сквер њуз“ објавил дека њујоршката полиција преку мегафон соопштила дека студентите се апсат поради нарушување на јавниот ред и мир и незаконско блокирање на сообраќајот.
Интервенцијата на полицијата во кампусите на универзитетите „Јеил“ и „Њујорк“ доаѓаат по неколку тензични дена во кампусите на неколку други високообразовни установи во Соединетите Американски Држави.
Претседателката на Универзитетот „Колумбија“, Немат Минуче Шафик, во четвртокот минатата недела ја повика полицијата да го расчисти кампот што го поставија демонстрантите на главниот тревник во кампусот од каде што бараа Универзитетот да ги прекине врските со компании поврзани со Израел. Повеќе од 100 студенти беа уапсени минатиот четврток под обвинение за престап, а Универзитетот и соседниот Колеџ „Барнард“ суспендираа десетици студенти вклучени во протестите на кампусот, во обид за смирување на ситуацијата и спречување таа да ескалира.
Шафик вчера во изјава за медиумите рече дека Универзитетот ги откажува часовите во живо и во исто време ги осуди антисемитскиот јазик, заплашувањето и малтретирањето, кои според неа се случиле неодамна на кампусот, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во меѓувреме студенти и членови на Универзитетот поставиле нов камп и одржале масовен марш во знак на протест за начинот на справување на Универзитетот со ситуацијата.
Басам Каваја, предавач на Правниот факултет на Универзитетот „Колумбија“ и адвокатка во организацијата за човекови права, за „Гардијан“ изјавила оти е шокирана и згрозена што раководителот на оваа високообразовна установа веднаш отишол во њујоршката полиција.
„Ова според сите стандарди беше ненасилен протест. Тоа беа група студенти кои кампуваа на тревникот среде кампусот. Тоа не се разликува од секојдневниот живот на кампусот“,
изјавила таа за британскиот весник.
Од друга страна, Ели Булер, рабин на Универзитетот „Колумбија“ и Колеџот „Барнард“, кој е поврзан со Универзитетот, им рекол на студентите во онлајн порака дека кампусот и градската полиција не можат да ја гарантираат безбедноста на еврејските студенти, објавија локалните медиуми.
„Ме боли да кажам дека силно би препорачал да се вратите дома што е можно поскоро и да останете дома додека реалноста на кампусот и неговата околина драстично не се подобри“,
навел Булер во порака преку „Ватсап“ до стотици еврејски студенти пред почетокот на празникот Пасха минатиот викенд.
По случувањата на „Колумбија“ минатата недела, студенти ширум САД започнаа протести во знак на солидарност со своите колеги од Универзитетот во Њујорк. Многумина од демонстрантите ги повикаа раководствата на универзитетите да застанат со нив во поддршка на барањата за прекин на огнот во Газа и прекин на врските со компаниите производители на оружје и кои се поврзани со Израел.
Студенти на универзитетите „Браун“, „Принстон“ и „Нортвестерн“ одржаа протести во петокот и во текот на викендот.
Студенти од Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) и Колеџот „Емерсон“, двата во околината на градот Бостон, исто така, организираа свои протестни кампови.