Во однос на нашата амбиција за влез на македонскиот телекомуникациски пазар, во следните неколку недели ќе ја започнеме соработката со Владата на Македонија и нашата посветеност за овој процес да го формализираме во детали, кажал Жасзаи на средба со Николоски
Унгарската „4iG Групацијата“ е можниот нов мобилен оператор што го најави министерот за транспорт Александар Николоски. За време на официјалната посета на Будимпешта, Николоски се сретнал со Гелерт Жасзаи, претседател на “4iG Групацијата” и како што информираат од министерството, тој изразил силен интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија, со понуда на услуги во мобилната и фиксна телефонија.
Во соопштение од министерството за транспорт велат дека станува збор за истакната регионална ИТ и телекомуникациска компанија со докажана историја во поттикнување на дигиталната трансформација во различни сектори. Оваа иницијатива, како што наведуваат, е усогласена со стратегијата на “4iG Групацијата” за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.
„Веруваме дека воспоставеното искуство на “4iG Групацијата” во телекомуникациската индустрија, комбиниранo со нејзината стручност во регионални рамки, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар. Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и 4iG Групацијата делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество”,
порача Николоски.
За време на официјалната средба, двете страни го истакнале значењето и развојот на дигиталната инфраструктура заради економски и социјален напредок.

Усогласувајќи се со плановите за одржлив развој на Македонија до 2030 година, претседателот на “4iG Групацијата” изразил интерес за соработка во проекти во комуникациска инфраструктура, истакнувајќи ги потенцијалните инвестиции во најсовремени технологии за подобрување на поврзаноста меѓу урбаните и руралните средини во Македонија, се наведува во соопштението.
„Имаме волја да придонесеме за развојот на телекомуникациски сектор во Македoнија и да поттикнеме позитивни промени преку технологијата. Во однос на нашата амбиција за влез на македонскиот телекомуникациски пазар, во следните неколку недели ќе ја започнеме соработката со Владата на Македонија и нашата посветеност за овој процес да го формализираме во детали“,
истакнал Жасзаи на средбата.

„4iG Групацијата“ е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија.
Во 2022 година, како што се наведува во соопштението, „4iG Групацијата“ се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE .
Под брендот – ONE, подружниците на 4iG во Западен Балкан прават значителна трансформација и со тоа станува водечки бренд на пазарот на 5Г мобилни услуги во Црна Гора, додека ОNE – Албанија формирана преку консолидирање на албанските телекомуникациски компании станува врвен телекомуникациски провајдер во земјата.
„Покрај тековните инвестиции, 4iG Групацијата во соработка со Телеком Египет планира и инсталација на подводен кабел за пренос на податоци со висок капацитет за поврзување на Египет и Албанија. Овој проект може да донесе дополнителни придобивки за Македонија преку зајакнување на дигиталниот и економски раст на земјата“,
се наведува во соопштението.
Министерот Николоски на почетокот на јули најави потенцијален влез на трет мобилен оператор во земјава. Како причина за воведувањето трет оператор ги наведе цените на мобилната, кабелската телевизија и интернет-услугите кои, како што рече тогаш, во земјава се повисоки од најголем дел од европските држави.