Унгарските власти сметаат оти таксата која Бугарија ја наметна за рускиот гас е во спротивност со правилата на Европската Унија за царина и трговија и дека сериозно ја загрозува енергетската безбедност не само на Унгарија, туку на целиот регион
Унгарските власти ја повикаа Европската комисија да покрене прекршочна постапка против Бугарија поради новата такса што ја наметна за транспорт на рускиот гас што минува низ нејзина територија.
Унгарскиот министер за прашања на ЕУ, Јанош Бока, во објава на социјалните мрежи посочи дека Унгарија смета оти таксата која ја наметна Бугарија е во спротивност со правилата на Европската Унија за царина и трговија. Дополнително, посочи дека таксата сериозно ја загрозува енергетската безбедност на Унгарија и на целиот регион.
Доколку Европската комисија не покрене постапка, министерот најави оти Будимпешта е подготвена да го поднесе случајот пред Европскиот суд на правдата пред крајот на годината.
Бугарија минатиот месец воведе данок од околу 10 евра за мегават час за рускиот природен гас што транзитира низ нејзиниот гасовод, тврдејќи дека на тој начин ќе се намали привилегираната позиција на руски „Газпром“ во југоисточна Европа и ќе го одврати руското влијание во регионот.
Ова предизвика остри критики од Унгарија и Србија кои во голема мера зависат од рускиот гас што главно доаѓа преку Турција и Бугарија.