По повеќегодишни напори на албанските власти, УНЕСКО го прошири регионот од Охридското езеро кој се смета за светско наследство и на територијата на западниот сосед. Одлуката е донесена како „проширување“ на основната одлука од 1979 година, кога градот Охрид и македонската страна на езерото влегле под заштита на светската организација.
„Со ова проширување, локалитетот сега го опфаќа и северо-западниот албански дел од Охридското езеро, малиот полуостров Лин и копнениот појас покрај брегот кој го поврзува полуостровот со македонската граница. На полуостровот има остатоци од ранохристијанска црква градена во средината на 6 век. Во плитките делови од водата близу брегот на езерото, три локации се сведоштво за присуството на предисториски престојувалишта… Езерото претставува засолниште за бројни ендемични видови на слатководна фауна и флора која датира од терцијарниот период“,
се вели во дел од соопштението на УНЕСКО
Прогласувањето на албанскиот дел од Охридското езеро за светско наследство се случи на истиот состанок во Баку, на кој С. Македонија за малку избегна Охрид и делот од македонската страна на границата да бидат ставени на листата на загрозено наследство. Земјава треба да спроведе неколку итни чекори за само неколку месеци, за да ја добие довербата од УНЕСКО и да го задржи статусот.