Раиси е главен ирански судија, челник на правосудството и се наоѓа на црна листа во САД, поради кршење на човековите права
Ебрахим Раиси е новиот претседател на Иран, соопшти предмалку иранското Министерство за внатрешни работи.
Тој победи тројца кандидати на избори, додека на неколкумина други кандидати им беше оневозможено да учествуваат во изборната трка. Раиси е главен ирански судија, челник на правосудството и е со ултра-конзервативни ставови. Тој се наоѓа на списокот на американски санкции поради кршење на човековите права.
Иранскиот претседател е втор највисок функционер во земјата, по врховниот водач. Претседателот има значително влијание врз внатрешната политика и надворешните работи.
Но, врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи го има последниот збор за сите државни прашања, пренесува Би Би Си. Иран е управуван согласно конзервативните религиозни вредности и има ограничувања на политичките слободи уште од Исламската револуција во 1979 година.
Шеесетгодишниот имам работел како обвинител во поголемиот дел од својата кариера. Тој беше назначен за шеф на судството во 2019 година, две години откако беше поразен од Хасан Рохани на последните претседателски избори, потсетува Радио Слободна Европа.