На снимката направена од дрон се гледа група од тројца руски војници како се приближуваат до позициите на украинскиот полк К-2 на 54-та посебна механизирана бригада на вооружените сили на Украина. Русите, пишува „Киев пост“, најверојатно се движеле под заштита на силен минофрлачки оган
Видео снимено со дрон на кое се прикажува борба одблиску на бојното поле стана вирално на социјалните мрежи. На видеото се гледа како украинските војници одбиваат напад на руската пешадија.
На снимката направена од дрон се гледа група од тројца руски војници како се приближуваат до позициите на украинскиот полк К-2 на 54-та посебна механизирана бригада на вооружените сили на Украина. Русите, пишува „Киев пост“, најверојатно се движеле под заштита на силен минофрлачки оган.
Од видеото тешко може да се утврди дали минофрлачите биле украински или руски. Во престрелката меѓу украинските и руските сили, руските трупи се обиделе да го заземат високото место над рововите.
„Видеото одблиску го прикажува пеколот на борбата“
Во меѓувреме, украинските војници брзо се движеле низ рововите, напаѓајќи го непријателот од различни агли. Украински воен офицер изјавил за „Киев пост“ дека видеото од дронот го покажува вистинскиот пекол од блиска борба.
Тој објаснил дека во модерното војување, воздушната извидничка комуникација со пешадијата или групите кои напаѓаат станала широко распространета. Ова им овозможува на војниците да ја знаат локацијата на непријателот без да го напуштат ровот.
„Очигледно е дека комуникацијата меѓу групата во ровот и операторот на дронови беше ефикасна. На видеото се гледа како друго беспилотно летало лебди над дел од рововите каде што биле непријателските сили и фрла експлозив“,
рекол тој.
„Убивме двајца Руси“
Според офицерот, координираните акции на украинската пешадија и воздушното извидување успешно го запреле руското напредување долж системот на ровови и елиминирале двајца руски војници во блиска борба.
Еден руски напаѓач се обидел да се сокрие, но друг украински дрон му фрлил експлозив и го спречил рускиот напад. „Киев пост“ не можел независно да го потврди времето и местото на настаните од видеото. Украинската војска повремено објавува видеа од блиска борба со руските сили, снимени со беспилотни летала или камери на телото.