Одлуката, која ќе биде во сила до 30 јуни годинава, важи за сите возила со украински регистарски таблички кои превезуваат лица со статус на бегалци од Украина, без разлика дали ќе транзитираат или ќе останат во нашата земја
Сите лица со статус на бегалци од Украина на влез во нашата земја ќе бидат ослободени од плаќање гранично осигурување, а евентуалните штети од украински возила што превезуваат бегалци, до 30 јуни годинава ќе ги покрие Националното биро за осигурување (НБО) од својот гарантен фонд.
Оваа одлука ја донесе Националното биро за осигурување (НБО) во координација со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на иницијатива добиена од Владата.
Одлуката, која ќе биде во сила до 30 јуни годинава, важи за сите возила со украински регистарски таблички кои превезуваат лица со статус на бегалци од Украина без разлика дали ќе транзитираат или ќе останат во нашата земја.
„Со оглед на актуелната бегалска криза предизвикана од воениот конфликт во Украина и појавата на бегалци на нашата граница се создаде неопходна потреба од изнаоѓање општоприфатливо и системски засновано решение за прием на возила со бегалци кои немаат зелена карта и не се во можност да купат гранично осигурување. Успеавме да обезбедиме издржано решение во рамки на можностите и согласно со надлежностите и условите. Искрено веруваме и се надеваме дека разумот ќе надвладее, а мирот ќе завладее и лицата со статус бегалци набрзо ќе се вратат во својата земја“,
истакна Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.
При носењето на одлуката Националното биро за осигурување, во координација со АСО, се водеше од универзалните начела за солидарност и давање помош за бегалци од воени подрачја.
Како што информираат од АСО, одлуката е донесена со консензус на сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување кои работат на македонскиот пазар за осигурување.
Одлуката на Управниот одбор на НБО ја поддржаа: „Триглав осигурување“, „Евроинс осигурување“, „Сава осигурување“, „Кроација осигурување – неживот“, АДОР „Македонија ВИГ“, „Осигурителна полиса“, „Винер ВИГ“, „Еуролинк“, „Граве неживот“, „Уника“ и „Халк осигурување“.
Претходно, Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди финансиски средства во износ од 120 милиони денари за организирање и обезбедување хотелско сместување и дополнителни услуги за граѓаните од Украина кои како бегалци од воените жаришта би пристигнале во нашата земја.