Претседателот на Украина, Володимир Зеленски повика денеска на итен прекин на огнот во источниот дел на земјата, каде во изминатите денови се интензивираа судирите меѓу проруските и украинските сили.
Тој, исто така, нагласи дека Украина ги поддржува мировните преговори во рамки на Трилатералната контакт група (ТЦГ), каде Украина учествува заедно со Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
„Ние сме посветени на интензивирање на мировниот процес. Го поддржуваме свикувањето на ТЦГ“,
напиша Зеленски на Твитер.
Денеска, Полска, која моментно претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) најави дека ќе свика вонредна седница на Постојаниот совет на таа организација поради ситуацијата во Украина.
Украина побарала седницата да биде итна, односно да се одржи утре, се наведува во писмото од постојаниот украински претставник во меѓународните организации во Виена, а го објави постојаниот претставник на Полска во ОБСЕ, Адам Халачинские.
Западните земји ја обвинуваат Русија дека се подготвува да ја нападне Украина, додека Москва ги негира таквите тврдења.