Меѓу 50-те ранети се и 13-годишно момче и неговата 12-годишна сестра во село во близина на Херсон, на југ, соопшти кабинетот на претседателот
Украинските власти информираа за четворица загинати и 50 ранети во руските напади на новогодишната ноќ и нешто по полноќ, за кои Москва тврди дека цел биле фабрики за дронови. Главниот град Киев и седум други украински региони беа цел на овие напади, според најновиот извештај на локалните и регионалните власти.
Според податоците дадени во извештајот за руските напади за Нова година, три лица, меѓу кои и една 22-годишна жена, загинале во градот Хмелницки на западот на земјата. Меѓу 50-те ранети се и 13-годишно момче и неговата 12-годишна сестра во село во близина на Херсон, на југ, соопшти кабинетот на претседателот.
Уште едно лице загина во неделата, а тројца се ранети во руски напад врз Орихив, во близина на Запорожје, на југ, објавија локалните власти.
Воздухопловните сили на Украина во неделата соопштија дека собориле 45 беспилотни летала од иранско производство, лансирани од Русија на новогодишната ноќ, бидејќи Новата година беше обележана со ракетни напади врз Киев.
Шефот на киевската полиција Андриј Небитов на Фејсбук објави фотографија на која се гледа дел од беспилотно летало на кое на руски пишува „Среќна Нова година“.
„Ова кажува се за терористичката држава и нејзината армија“,
напиша тој.
Руската војска во неделата објави дека во нападите врз украинските градови, вклучително и Киев во саботата, таргетирала фабрики за производство на беспилотни летала со цел да ги спречи планираните „терористички напади“.
„Плановите на режимот во Киев да изврши терористички напади врз Русија во блиска иднина се спречени“,
изразија задоволство од Министерството за одбрана.
Москва често ги нарекува „тероризам“ операциите на украинската армија на руска територија или нападите врз нејзините објекти во Украина.