Украинската војска, пак, соопшти дека биле соборени четири руски дрона во областите Донецк и Харков

Напад од украинско беспилотно летало синоќа предизвикало пожар во складиште за нафта во руската област Ростов, на неколку стотици километри од линијата на фронтот во Украина, соопштија руските власти.
„По нападот со беспилотно летало, избувна пожар во нафтената рафинерија во регионот Цимлјански. Според првите податоци, нема загинати и повредени“,
изјави преку Телеграм локалниот гувернер Василиј Голубев.
Во гаснењето на пожарот, како што вели Голубев, биле вклучени 49 пожарникари и 14 возила.
Украинската војска, пак, соопшти дека биле соборени четири руски дрона во областите Донецк и Харков.
Командантот на воздухопловните сили на Украина, генерал-полковник Никола Олешук, изјави дека еден руски дрон го напуштил воздушниот простор на Украина и се упатил во правец на регионот Гомел во Белорусија
Украина е под руска офанзива повеќе од две години и нејзината енергетска инфраструктура е уништена од континуираните руски бомбардирања. Таа, исто така, започна со напади со беспилотни летала длабоко во руската територија врз енергетските и логистичките објекти, кои руската војска ги користи за своите операции на украинска територија.