Командантот на украинската армија Олександар Сирски изјави дека од почетокот на нападот на руска територија, украинските војници напреднале 35 километри и окупирале 82 населени места и 1 150 квадратни километри
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера објави дека украинските сили го зазеле градот Суџа во областа Курск. Тоа е најголемиот руски град кој Украинците го освоиле досега. Пред војната имало околу 5 000 жители. Завчера, еден украински информативен канал објави видео на кое се гледа како војниците ги отстрануваат руските знамиња од административната зграда во градот и извикуваат „Слава на Украина, слава на хероите“.
A Ukrainian journalist arrived in Sudzha, Kursk region, in time to see the Russian flag being taken down.
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) August 14, 2024
Humanitarian aid was brought to locals in Kursk region.
Commander of Akhmat unit Alaudinov said that AFU have no control over Sudzha. Were Kadyrovites passed by again? https://t.co/23vPaBN7x2 pic.twitter.com/Qg9O5PcQAy
Суџа се наоѓа на приближно 105 километри југозападно од градот Курск. Се наоѓа веднаш до рускиот гасен терминал, клучна точка за европско снабдување со руски гас преку Украина.
Командантот на украинската армија Олександар Сирски изјави дека од почетокот на нападот на руска територија, украинските војници напреднале 35 километри и окупирале 82 населени места и 1 150 квадратни километри. Тој додаде дека во Суџа е формирана воена команда „за одржување на редот и законот и задоволување на приоритетните потреби на населението на окупираната територија“.
Поради украинскиот напад, десетици илјади Руси беа евакуирани од пограничните градови. Во средата, украинските сили гаѓаа четири руски аеродроми со беспилотни летала. Извор од украинската безбедносна служба за Си-ен-ен изјави дека биле нападнати базите во југозападните региони Курск и Воронеж и Нижни Новгород, источно од Москва.
„Путин е во апсолутен шок“
Руското Министерство за одбрана соопшти дека уништило 117 беспилотни летала и четири тактички проектили над Курск и соседните региони. Овој украински напад претставува значајна промена во тактиката на Киев. Тоа е и прво влегување на странски сили на руска територија по Втората светска војна.
„Рускиот претседател Владимир Путин е во апсолутен шок по упадот на украинските сили во Курск“,
изјави за Би-би-си њуз поранешниот руски премиер и критичар на Путин, Михаил Касјанов.
Според него, ова е сериозен психолошки удар за Путин. Касјанов беше премиер на Русија меѓу 2000 и 2004 година, додека Путин беше претседател, а сега ја води опозициската партија Народна слобода од Латвија.
Русија ги повлече резервите од клучните области на бојното поле во Украина и Крим за да го запре украинскиот напредок на нејзина територија. Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека повторно зазело, односно ја вратило контролата над населбата во областа Курск.