Доколку мостот биде уништен, Украина ќе успее да изолира околу 700 километри од областа Курск со што ќе ја отсече руската армија
Москва потврди дека украинската армија нападнала мост на реката Сејм во областа Курск – трет од почетокот на пробивот на Украинците во руската територија. Поранешниот советник во украинското Министерство за внатрешни работи Антон Герашченко утринава на Икс напиша дека доколку се потврди дека мостот е урнат, воените единици на руската армија кои се наоѓаат јужно од Курск ќе бидат опколени.
„Приближната површина на опкружената област ќе биде речиси 700 квадратни километри“,
напиша Герашченко на Икс.
Пред неколку денови, украинската армија го уништија најголемиот мост на реката Сејм во селото Глушково, како и мост кој се наоѓа во селото Званоје. Со уништувањето на овие два стратешки моста, драстично се намалил капацитетот за снабдување на руската група која се спротивставува на украинското напредување во Курск.
Синоќа украинскиот претседател Володомир Зеленски рече дека украинскиот пробив на руска територија има за цел да направи тампон-зона за да ги оневозможи нападите врз Украина од руска страна.
Тој вели дека стратешките цели покрај создавањето тампон-зона се и да се уништи што е можно поголем арсенал на руско оружје и да се направат одредени контраофанзивни акции кои би ги спречиле руските сили да го гранатираат североисточниот дел на Украина.
„Сè што нанесува загуби на руската армија, на руската држава, нивниот воено-индустриски комплекс и нивната економија помага да се спречи ширењето на војната и не доближува до праведен крај на оваа агресија“,
рече Зеленски.
Според него, Украина ќе продолжи да дејствува во овој регион со дополнителен број трупи. Дополнително, Зеленски вели дека Киев контролира околу 1 000 квадратни километри од руската територија, а и Русија и Украина ги повикаа жителите кои живеат во овој регион да се евакуираат оти следуваат тешки борби.