Во масовниот напад со над 300 беспилотни летала, украинските сили таргетираа руски воен брод, пловила со иранско оружје и клучна енергетска инфраструктура оддалечена над 2 000 километри
Украина изврши серија координирани напади врз стратешки руски цели, погодувајќи нафтена платформа, воен брод и транспортни пловила во Каспиското Море, како и рафинерија длабоко во Западен Сибир.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги оцени резултатите како мошне добри, велејќи дека меѓу таргетираните цели се и пловила за кои Киев тврди дека пренесуваат воен товар поврзан со Иран. Според украинската безбедносна служба, дроновите ја погодиле нафтената платформа „Филановски“ на компанијата „Лукоил“, како и товарните бродови „Порт Оља 2“ и „Бегеј“.
Демонстрирајќи значително зголемен дострел на своите беспилотни летала, украинските сили предизвикаа пожар во нафтена рафинерија во Тјуменската област во Западен Сибир, лоцирана на повеќе од две илјади километри од украинската граница. Оваа рафинерија преработува околу шест милиони тони сурова нафта годишно, а експертите проценуваат дека евентуалниот прекин на производството може дополнително да го дестабилизира рускиот пазар на горива, кој веќе се соочува со недостиг поради континуираните украински удари врз енергетскиот сектор.
Бранот напади зафати и повеќе други руски региони, во Екатеринбург поради безбедносни причини беше евакуиран логистички центар на компанијата Вајлдберис, додека во Свердловската област паднати остатоци од дрон предизвикаа пожар без човечки жртви. Во Ростовската област, при масовен напад со дронови и ракети беа повредени петмина граѓани и беше предизвикана материјална штета на станбени, магацински и инфраструктурни објекти.
