Потпишувањето на меморандумот доаѓа по инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп за билатерален договор за минерали како дел од неговите напори да стави крај на војната на Украина
Украина и САД потпишаа меморандум како прв чекор кон постигнување договор за експолатација на украинските минерални суровини, објави Јулија Свириденко, прв заменик-премиер и министер за економија на Украина.

„Среќни сме што можеме да го објавиме потпишувањето, со нашите американски партнери, на меморандум за намери, кој го отвора патот за договор за економско партнерство и формирање на инвестициски фонд за обнова на Украина“,
напиша Свириденко на платформата Икс.
Без да објави дополнителни детали, таа посочува дека идниот договор кој се очекува да придонесе за економски раст на двете земји, ќе мора да биде ратификуван во украинскиот парламент.
We are happy to announce the signing, with our American partners, of a Memorandum of Intent, which paves the way for an Economic Partnership Agreement and the establishment of the Investment Fund for the Reconstruction of Ukraine. pic.twitter.com/AQsHPkWh5X
— Yulia Svyrydenko (@Svyrydenko_Y) April 17, 2025
Потпишувањето на меморандумот доаѓа по инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп за билатерален договор за минерали како дел од неговите напори да стави крај на војната на Украина.
Трамп го гледа договорот и како начин за враќање на милијарди долари вредната помош што Вашингтон ѝ ја даде на Украина во војната со Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, изјави дека Украина нема намера да ја признае како заем воената помош од претходната американска администрација.
Соединетите држави ја намалија проценката на трошоците наменети за помош на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година на околу 100 милијарди долари од 300 милијарди долари, објави Блумберг, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.
Договорот за минералните суровини, првично требаше да биде потпишан кон крајот на февруари во Белата куќа, но американскиот претседател Доналд Трамп, потпретседателот Џеј-Ди Венс и шефот на украинската држава Володимир Зеленски тогаш се впуштија во жестока кавга и потпишувањето беше откажано.
Минатиот месец администрацијата на Трамп предложи нов, поширок договор за минерални суровини, кој на Украина не и дава никакви безбедносни гаранции, но бара сите приходи од експлоатација на природни ресурси од државни и приватни компании лоцирани на украинска територија да се прелеат во заеднички инвестициски фонд.