Двете најголеми партии (без поединци), изгласаа нацрт ДУП со кој на подрачје, кое е означено дека е под влијание на ерозија, се планира изградба на уште 25 големи објекти, од кои 24 се приватни куќи – хациенди, велат од „Шанса за Центар“
Социјалдемократите и демохристијаните заедно сметаат дека правото на сопственост и градење е поважно од правото на граѓаните да бидат безбедни и Водно да не им се сруши на глава, реагираат од „Шанса за Центар“ откако Советот на Општина Центар со 13 гласа „за“ и девет „против“ даде зелено светло за Нацрт Деталниот урбанистички план за градската четврт Барутана.
Со оваа одлука, како што велат, двете најголеми партии со исклучок на поединци, изгласаа нацрт ДУП со кој на подрачје, кое е означено дека е под влијание на ерозија, се планира изградба на уште 25 големи објекти, од кои 24 се приватни куќи – хациенди.
„Ако Галите во стрипот ’Астерикс и Обеликс’ се плашеа ’небото да не им падне на глава’, скопјани и особено центарци треба веќе да се плашат Водно да не им падне на глава. Не може да се задоволи огромниот апетит за разјадување на шумата на планината која треба да го штити градот од поројни поплави и лизгање на земјиште“,
реагираат од „Шанса за Центар“.

Советниците на „Шанса за Центар“, Левица, ЗНАМ и уште двајца членови на Советот (еден од ВМРО-ДПМНЕ и еден СДСМ) гласаа против.

Фото: Принтскрин
Во образложението за планот, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека не станува збор за отворање нова урбанизација, туку за коригирање на постојно решение, кое според него е покорисно за граѓаните и поблиско до нивните потреби. Во таа насока , како што рече Герасимовски, е изградбата на дом за стари лица.
„На местото на конфискувана парцела, која била наменета за резиденцијално домување, предвидуваме пренамена и изградба на дом за стари лица. Плацовите на Водно конечно ќе добијат намена за обичните граѓани, а не за луксузни апартмани“
рече Герасимовски.
Нацрт-планот сега треба да помине на јавна анкета на која граѓаните ќе можат да изнесат свои забелешки, по што следува конечна верзија во која ќе се вметнат забелешките и потоа повторно на гласање пред Советот на Општина Центар.
