Управата за јавни приходи попладневно соопшти дека апликацијата МОЈДДВ не ја загрозува безбедноста на личните податоци на корисниците. Реакција следи по одредени сомнежи во јавноста, дека е можно нарушување на личните податоци со користењето на алатката за поврат на ДДВ, процес што започна вчера.
„Управата уверува дека сите податоци внесени во апликацијата, како што се е-пошта и број на трансакциска сметка се сигурни и заштитени од било каква злоупотреба… При симнување на апликацијата не се бараат никакви податоци. Единствено се бара дозвола за користење на камерата. При употреба на апликацијата е потребно да се најават на системот на УЈП и се користи постојното корисничко име и лозинка. Се користи безбеден криптиран пренос на податоците од корисничкото име и лозинката меѓу телефонот и системот на УЈП. Во системот за поврат на ДДВ не се чуваат лични податоци освен трансакциската сметка која е поврзана кон кориснички број и не може да се идентификува на кое лице припаѓа. Оттука Управата за јавни приходи ги уверува граѓаните дека нивните податоци се максимално заштитени и без да стравуваат да ја преземат апликацијата којашто е поставена и на веб страницата на Управата за јавни приходи.
се вели во соопштението на УЈП
На првиот ден од лансирањето на апликацијата МОЈДДВ, особено во првите часови, корисниците пријавуваа различни проблеми со спуштањето од интернет или со користењето на апликацијата. За упатства се уште прашуваат особено постарите граѓани.
„360 Степени“ направи кратко видео упатство за тоа како да направите поврат на ДДВ, кое може да го погледнето ТУКА.