УХМР на својата веб-страница објави предупредување бидејќи температурите во одредени делови од државата ќе достигнат и до 40 Целзиусови степени.
„Под влијание на многу топла воздушна маса, до петок времето ќе биде сончево и многу топло. Максималните температури насекаде ќе бидат над 30 степени, а во југоисточните делови од земјава ќе достигнат и до 40 степени“,
објави УХМР.
Според најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на следниве два дена (денеска – четврток и утре – петок), целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза.
Со предупредување излегоа и од Министерството за здравство нагласувајќи дека цела територија ќе биде со температури од жолта (алертна) фаза и затоа им препорачуваат на граѓаните да останат во затворени климатизирани простории, а ако излегуваат да носат светла и лесна облека, како и заштитни очила и капа и да користат крем со висок заштитен фактор.
„Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна; да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци; при влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри; на хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари“,
наведуваат од Министерството.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, велат, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.
Поради топлото време, од Црвениот крст на Град Скопје најавија дека мобилни тимови ќе делат вода низ централното градско подрачје и поголемите автобуски постројки. Мобилните тимови ќе бидат на терен во периодот од 10 до 16 часот. Се планира дистрибуција на 800 шишиња или 400 литри вода на дневна основа.
В сабота, пак, ќе има зголемена облачност и ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи, а од недела ќе настапи повторно стабилизирање на времето.