Немаме протоколи кои можеби ги засегаат угостителските објекти, како што се оние за правење свадби и оние кои работат како ноќни клубови, велат од Независната угостителска комора
Угостителите бараат преку дијалог заеднички да се носат одлуки за начинот на кој ќе функционираат во зима, имајќи предвид дека ковид-кризата најверојатно ќе потрае.
Тие ова го бараат со забелешка дека протоколите што ги носат институциите не се применливи во пракса. Ова ќе биде тема на конференција организирана од Независната угостителска комора.
„Проблемот со кој се соочуваме е дека Комисијата за заразни болести носи одлуки и протоколи што треба да ги имплементираме, а кои во пракса не може да се спроведат. Од друга страна, носат протоколи со кои се прават настани од големи размери со неколку илјади луѓе каде што не можат да се почитуваат протоколи, а истовремено немаме протоколи кои можеби ги засегаат угостителските објекти, како што се оние за правење свадби и оние кои работат како ноќни клубови“,
изјави претседателот на Комората, Здравко Јосифовски.
Тој потенцира дека угостителите оваа година едвај ќе ја завршат со третина од приходите што ги остварувале претходно и кои нема да ги покријат ниту основните трошоци и доколку не се најде начин како да се надмине тоа, поголем дел од угостителите нема да опстанат, додека кај другите ќе биде неминовно да го намалат бројот на вработените.
„Имаме податоци дека во Македонија се регистрирани 6 500 субјекти кои вршат угостителска дејност со околу 35 000 директно вработени и целокупниот приход што го остваруваат во изминатите години достигнува до 850 милиони евра, од кои над 100 милиони завршуваат во државната каса за даноци и 45 милиони за придонеси за вработени. Оваа година едвај ќе завршат со една третина, што ни од далеку не можат да ги покријат основните трошоци. Тие приходи ќе генерираат загуби и ако не се најде начин како да се премости поголемиот дел од угостителите нема да ја преживеат зимата“,
истакна Јосифовски.
Министерот за економија Крешник Бектешти, денеска, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има промена на условите за работи на угостителските објекти во зимски услови, рече дека сѐ уште се работи на разгледување на мерките.