Министерот Арбер Адеми најави дека ако наесен има нов бран на коронавирусот и новата учебна година ќе почне од далечина
Денеска завршува учебната 2019/2020 година за околу 270 илјади средношколци и основци во земјава, кои во последните три месеци беа надвор од училиштата и училишните клупи и следеа онлајн-настава поради ситуацијата со коронавирусот.
Училиштата се испразнија на 11 март.
Наставата три месеци се изведуваше од далечина и онлајн, а со владините уредби со законска сила се овозможи и правна основа е-наставата до крајот на учебната година да се смета за формална т.е. соодветна замена на класичната настава во училиштата.
Поради ризик од ширење на заразата, Владата на крајот на април донесе одлука онлајн-наставата да продолжи до крајот на учебната година, како и одлука оваа година да нема полагање државна матура која се организира во средината на јуни. Матурантите ќе може да конкурираат на факултет на уписите во август-септември со дипломата за завршено средно образование.
За еден месец е пролонгирано запишувањето на првоодделенците во учебната 2020/2021 година. Роковите за упис на средношколци утврдени во Конкурсот не се менуваат, така што на 16 и 17 јуни е првото пријавување во јунскиот уписен рок, со тоа што спроведувањето на уписите ќе биде согласно со протоколот донесен од Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми најави дека ако наесен има нов бран на коронавирусот и новата учебна година ќе почне онлајн.
„Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи“,
рече Адеми.