Наставата за далечинско учење е возможно да продолжи и од септември, доколку не стивне ситуацијата со ковид-19, пренесува Алсат.
Ова го потврдува министерот за образование, Арбер Адеми, додавајќи дека сепак министерството сè уште не подготвило стратегија за ова прашање. Тој вели дека плановите и предвидувањата за новата школска и академска година ќе започнат непосредно по завршувањето на учебната година на 10 јуни.
„Ако околностите се исти, можеме да се соочиме со истите мерки, што значи учење преку интернет. Сепак, не сакам да прејудицирам, затоа што можеме да бидеме поинаку организирани во образовните институции, да се држи растојанието, да ги почитуваме препораките на здравствените власти и да не го доведуваме во прашање традиционалниот конвенционален начин на организирање на образовниот процес“,
вели Адеми.
Дел од наставниците во изјава за Алсат, велат дека се загрижени ако истата ситуација продолжи и од септември. Според нив, така ќе бидат најпогодени учениците, особено оние во руралните средини кои поради разни потешкотии ниту сега не се вклучени во учењето преку интернет.