47-годишен маж е убиен во Боговиње, Полошко. Настанот се случил денеска претпладне, а му претходела расправија меѓу жртвата и убиецот.
Откако го застрелал, осомничениот со автомобил заминал кон Тетово. Само 15 минути по убиството бил пресретнат од полицијата и уапсен.
Всушност, го сопрела полициска патрола која била известена за убиството и за возилото со кое осомничениот се упатил кон Тетово. Полициските службеници во автомобилот го пронашле и оружјето со кое било извршено убиството.
„Денеска (02.06.2024 година) во 10:30 часот на улица ‘Цветан Димов’ припадници на полицијата од СВР-Тетово го лишиле од слобода лицето М. М. (50) од Боговиње, Тетово, кој управувал ‘БМВ’ со тетовски регистарски ознаки. Тој е осомничен дека околу 10:15 часот со огнено оружје го убил А. Ј.“,
информира полицијата.
Основното јавно обвинителство Тетово информира дека е извршен увид на местото на злосторството.
„Според првичните информации, настанот се случил во угостителски објект во кој во тој момент имало и други лица. Осомничениот и жртвата имале вербална расправија, по што сторителот извадил огнено оружје и започнал да пука“,
соопшти ОЈО Тетово.
Обвинителството нареди обдукција на телото на убиениот, ќе се разговара со сведоци на настанот, а ќе се прибираат и вештачат траги од лице место.