Поранешен новинар на „Њујорк Тајмс“ Брент Рено е убиен во близина на Киев, додека уште еден новинар е ранет, соопштил денеска шефот на регионалната полиција, а пренесуваат и повеќе светски медиуми.
Овој 51-годишен наградуван новинар и режисер на документарни филмови е убиен денеска кога руските сили отвориле оган на автомобил во близина на Ирпин, пренесе „Гардијан“.
Според овие информации, официјално се уште не е познато за кого известувал Рено во моментот кога се случил нападот.
Другиот новинар пак, кој бил заедно со Рено, се здобил со телесни повреди и е хоспитализиран веднаш по нападот.
51-годишниот новинар Рено покрај за „Њујорк Тајмс“, има работено и за голем број на други американски медиуми, вклучувајќи ги „Ен-Би-Си“ и „Ејч-Би-Оу“.