Според анкетата на „Алфа рисрч“ заклучно со 19 часот, „Прогресивна Бугарија“ има поддршка од 37,5 отсто од гласачите. Следуваат коалицијата ГЕРБ-СДФ со 16,2 отсто и ПП-ДБ со 14,3 отсто. Слични трендови покажува и анкетата на „Мјара“, според која „Прогресивна Бугарија“ освоила 38,5 отсто од гласовите. ГЕРБ-СДФ е втора со 14,8 отсто, а ПП-ДБ е трета со 13,1 отсто
Првите резултати од излезните анкети за парламентарните избори во Бугарија укажуваат на убедливо водство на коалицијата „Прогресивна Бугарија“, која според повеќето тамошни агенции за истажување на јавното мислење, освојува над една третина од гласовите, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).

Според анкетата на „Алфа рисрч“ заклучно со 19 часот, „Прогресивна Бугарија“ има поддршка од 37,5 отсто од гласачите. Следуваат коалицијата ГЕРБ-СДФ со 16,2 отсто и ПП-ДБ со 14,3 отсто.
Движењето за права и слободи (ДПС) добива 8,4 отсто, додека партијата Преродба и БСП – Обединета левица се движат околу изборниот праг со 4,9 односно 4,1 отсто. Останатите политички субјекти бележат пониска поддршка.
Излезеноста на парламентарните избори во Бугарија, според оваа анкета, изнесува 46,76 отсто.
Слични трендови покажува и анкетата на „Мјара“, според која „Прогресивна Бугарија“ освоила 38,5 отсто од гласовите. ГЕРБ-СДФ е втора со 14,8 отсто, а ПП-ДБ е трета со 13,1 отсто.
ДПС има 9,2 отсто, додека Преродба бележи 5,3 отсто.
Останатите партии, меѓу кои БСП – Обединета левица, МЕЧ и други, се движат околу или под изборниот праг, што ја прави неизвесна конечната распределба на мандатите во 52-от состав на парламентот.
Според „Мјара“, излезеноста до 19 часот изнесува 44,9 отсто.
Конечниот состав на парламентот ќе зависи од официјалните резултати, но првичните податоци укажуваат на значајна предност на формацијата поврзана со Румен Радев, како и на можна фрагментирана политичка сцена со повеќе партии околу изборниот праг.
Ккао што соопшти тамошната Централната изборна комисија (ЦИК), излезеноста на парламентарните избори во Бугарија до 16 часот изнесува 34,63 отсто.
Во Бугарија денеска се гласа на парламентарни избори по осми пат во последните пет години.
Во изборната трка учествуваат вкупно 24 политички партии и коалиции. Вкупно 4 786 кандидати се натпреваруваат за 240 пратенички места.
Овие избори се сметаат за важни бидејќи се очекува да донесат стабилност по политичката криза во земјата од 2021 година.
