Процените покажуваат дека во овој момент, иако коалицијата поврзана со Румен Радев има значителна предност, ѝ недостигаат десетина пратеници за да обезбеди самостојно мнозинство од 121 мандат во парламентот
Првите проекции за распределбата на мандатите во новиот парламент на Бугарија, базирани на излезни анкети, покажуваат убедливо водство на коалицијата „Прогресивна Бугарија“, но и можност за сложени постизборни коалиции, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).
Граѓаните на Бугарија денеска избираа 240 пратеници за избор на 52. состав на Народното собрание. Ова се осми парламентарни избори во последните пет години. Право на глас имаа 6 575 151 граѓанин.

Според податоците на „Алфа рисрч“, „Прогресивна Бугарија“ би освоила 105 пратенички места во 240-члениот парламент. ГЕРБ-СДФ добива 46 мандати, ПП-ДБ – 40, ДПС – 24, Преродба – 14, додека БСП – Обединета левица би имала 11 пратеници.
Слични, но нешто поразлични бројки објави и агенцијата „Мјара“, според кои „Прогресивна Бугарија“ освојува 109 мандати, ГЕРБ-СДФ – 41, ПП-ДБ – 38, ДПС – 26, Преродба – 15 и „БСП – Обединета левица“ – 11.

Сепак, според аналитичарите, точниот распоред на мандатите во новиот парламентарен состав ќе биде познат по пребројувањето на сите гласови.
Процените покажуваат дека во овој момент, иако коалицијата поврзана со Румен Радев има значителна предност, ѝ недостигаат десетина пратеници за да обезбеди самостојно мнозинство од 121 мандат во парламентот.
Тоа значи дека конечниот исход веројатно ќе зависи од постизборни коалициски договори, што дополнително ја зголемува неизвесноста за формирањето на идната влада во Бугарија.
Првите резултати од излезните анкети за парламентарните избори во Бугарија укажуваат на убедливо водство на коалицијата „Прогресивна Бугарија“.
Според анкетата на „Алфа рисрч“, заклучно со 19 часот, „Прогресивна Бугарија“ има поддршка од 37,5 отсто од гласачите. Следуваат коалицијата ГЕРБ-СДФ со 16,2 отсто и ПП-ДБ со 14,3 отсто. Слични трендови покажува и анкетата на „Мјара“, според која „Прогресивна Бугарија“ освоила 38,5 отсто од гласовите. ГЕРБ-СДФ е втора со 14,8 отсто, а ПП-ДБ е трета со 13,1 отсто.
Излезеноста на парламентарните избори во Бугарија, според „Алфа рисирч“, изнесува 46,76 отсто.
