Апсењето на Трајковиќ е трето во последните седум дена, за што Србите на Косово протестираа секојдневно, а поставија и барикади на патиштата кои денеска влегоа во осмиот ден
Поранешниот припадник на косовската полиција, Слаѓан Трајковиќ, кој беше уапсен во четвртокот ноќта на северот на Косово, доби 30-дневен притвор.
Трајковиќ е од северниот дел на Косовска Митровица, а беше уапсен поради наводен извештај со воени злосторства во 1999 година. Тој, според Специјалното обвинителство во Косово, се сомничи дека во мај 1999-тата во селото Резник заедно со други лица учествувале во злоупотребување, малтретирање, грабеж и убивање на цивили, како и во насилно раселување.
Апсењето на Трајковиќ е едно од трите што се случија на Косово во изминатите седум дена, во период кога односите помеѓу Белград и Приштина се тензични.
Поради апсењата, Србите на северот на Косово поставија и барикади на патиштата кои денеска влегоа во осмиот ден.
Од косовската полиција, пак, во денешното соопштение наведоа дека состојбата во областа населена со мнозинско српско население останува непроменета и во осмиот ден по поставувањето на барикадите, како и дека граничните премини меѓу Косово и Србија, „Јариње“ и „Брњак“, и натаму остануваат затворени.
Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ