Во заедничко соопштение полицијата и обвинителството во Диселдорф утрово информираа дека станува збор за 26-годишен Сириец, кој, според информациите, во моментов е под интензивна истрага
Германската полиција го уапси осомничениот за нападот со нож на фестивал во градот Солинген што се случи во петокот вечерта и во кој беа убиени три лица, а осуммина ранети, од кои четворица потешко, пренесуваат светски медиуми.
Во заедничко соопштение полицијата и обвинителството во Диселдорф утрово информираа дека станува збор за 26-годишен Сириец, кој им се предал на властите и го признал делото.
„Вмешаноста на ова лице во моментов е под интензивна истрага“,
се наведува во соопштението, пренесува „Гардијан“
Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Реул, за радиодифузерот АРД доцна синоќа изјавил дека апсењето се случило по целодневно следење на трагите што ги имала полицијата за осомничениот.
Полицијата претходно вчера уапси две лица, кои, како што рекол Раул, најверојатно не се сторители на крвавиот напад.
„Вистинскиот осомничен е оној што го уапсивме сега“,
рекол тој додавајќи дека во тек е распит на осомничениот, како и дека има запленет доказен материјал.
Според информациите, тој бил поврзан со бегалскиот центар во Солинген, во кој полицијата вчера изврши претреси, а едно лице од центарот беше уапсено.
Претходно вчера полицијата уапси 15-годишен тинејџер поради сомневања дека поседувал информации за нападот.
Инаку, одговорноста за крвавиот чин во Солинген ја презеде терористичката организација „Исламска држава“, но без да наведе конкретни докази за нејзината поврзаност со извршителот на нападот.
Опишувајќи го осомничениот за нападот како „војник на Исламската држава“, групата во на Телеграм соопшти дека „нападот го извршила како одмазда за муслиманите во Палестина и насекаде“.
Премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вист, нападот го оквалификува како терористички чин.
Главниот обвинител на Диселдорф, Маркус Касперс, на вчерашната прес-конференција изјави дека не може да се исклучи дека станува збор за терористички акт, делумно и затоа што нема поврзаност меѓу напаѓачот и жртвите.
Според полицијата, пред фестивалот немало конкретна закана од можен терористички напад и на местото не била поставена засилена безбедносна зона.
Трагичниот настан се случи во петокот вечерта околу 21:30 часот кога маж по случаен избор бодел минувачи на фестивалот во Солинген по повод 650-годишнината од основањето на градот. Нападот се случи на плоштадот Фронхоф, каде што настапувале бендови.
Солинген се наоѓа во германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија. Таа е најнаселената провинција на границата со Холандија.