Според информациите, тинејџерот бил приведен утрово откако две жени пријавиле дека слушнале разговор меѓу него и друго лице во кој зборувале за нападот. Тинејџерот наводно од претходно знаел за нападот, но не пријавил во полиција
Германската полиција потврди дека уапсила 15-годишно момче во врска со нападот на фестивал во градот Солинген, јавуваат светските медиуми.
По крвавиот настан кој се случи синоќа, главниот јавен обвинител на Дизелдорф, Маркус Касперс и шефот на локалната полиција, Маркус Рорл денеска одржаа прес-конференција, на која соопштија дека сè уште се утврдуваат мотивите за нападот и дека засега не може да се исклучи можноста дека станува збор за тероризам, пренесува „Гардијан“. Беше соопштено и дека идентитетот на напаѓачот засега останува непознат.
Полицијата потврди дека во нападот се убиени двајца мажи и една жена. Двете машки жртви, според информациите, се на возраст од 67 и 56 години, додека убиената жена е исто на возраст од 56 години.
Во нападот, кој бил извршен со нож, повредени се уште осум лица, од кои четворица потешко.
Полицијата ги повика граѓаните да избегнуваат шпекулации за случајот и побара сите кои располагаат со некакви информации да ги достават преку официјалната линија за помош, наместо да ги објавуваат на социјалните мрежи. На прашањето за шпекулациите дека има двајца напаѓачи, полицијата рече дека не знаела за тие извештаи и дека нема да коментира.
И покрај инсистирањето на новинарите полицијата да даде опис или фотографии од наводниот сторител, таа одби да го стори тоа. Не даде ниту повеќе информации за уапсениот 15-годишник.
Британскиот национален сервис Би-би-си пренесува дека тинејџерот бил приведен утрово откако две жени пријавиле дека слушнале разговор меѓу него и друго лице во кој зборувале за нападот.
Според Би-би-си, 15-годишникот наводно од претходно знаел за нападот, но не пријавил во полиција.
Обвинителот Маркус Касперс на прес-конференцијата рекол дека полицијата истражува терористички мотив, додавајќи дека нема друг очигледен мотив и дека нема поврзаност меѓу напаѓачот и жртвите.
Според полицијата, пред фестивалот немало конкретна закана од можен терористички напад и на местото не била поставена засилена безбедносна зона.
Полицијата соопшти дека пронашла повеќе ножеви во областа, но оти сè уште не се знае кои, доколку ги има, биле користени во нападот.
Германските медиуми претходно објавија дека е пронајдено оружје во корпа за отпадоци во центарот на Солинген.
Трагичниот настан се случи синоќа околу 21:30 часот кога маж по случаен избор бодел минувачи на фестивалот во Солинген по повод 650-годишнината од формирањето на градот. Некои германски медиуми синоќа објавија дека напаѓачот имал „арапски изглед“. Нападот се случил на плоштадот Фронхоф, каде што настапувале бендови.
Солинген се наоѓа во германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија. Таа е најнаселената провинција на границата со Холандија.
Властите ги откажаа сите настани по нападот, бидејќи фестивалот требало да трае до крајот на викендот. Министерот за внатрешни работи на таа покраина, Херберт Реул, го посети местото на настанот и изјави дека се работи за напад врз човечки животи, но не сакаше да шпекулира за мотивите на нападот.
Германската владата сака да ги заостри правилата за носење ножеви во јавност со ограничување на максималната дозволена должина на сечилото.
Во јуни годинава, 29-годишен полицаец во Манхајм беше избоден до смрт на десничарски митинг од 25-годишен Авганистанец кој живее во Германија од 2014 година.
Во јануари 2023 година, две лица беа убиени, а петмина повредени во напад со нож во воз меѓу Кил и Хамбург, во Северна Германија, од страна на Сириец.
Во напад со нож во 2021 година, 27-годишен маж со арапско потекло избоде неколку патници во возот што се движеше меѓу Регенсбург и Нирнберг.