Социјалната мрежа Твитер ќе почне да ги означува налозите од медиумските куќи кои се поврзани со владите и државите-членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Како што пренесува Би-би-си, ознаките нема да се применуваат на сите медиумски куќи кои имаат државно финансирање, туку само медиумите во кои државата има контрола над уредувачката политика преку финансиските ресурси или индиректни притисоци и контрола над продукцијата.
Меѓу медиумите кои ќе добијат ознаки се кинеската „Синхуа“ и руската „Раша тудеј“. Од новите измени на Твитер нема да бидат опфатени Би-би-си и НПР кои се карактирезирани како медиуми со државна финансиска помош, но со уредувачка независност.
Твитер најави дека ќе ги означува и налозите на државни функционери од петте постојани држави-членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, Русија, Франција, Обединетото Кралство и САД), вклучувајќи ги и амбасадорите и министрите за надворешни работи.
На пример, приватниот налог на претседателот на САД Доналд Трамп нема да биде означен, но неговиот службен налог ќе биде означен.