Околу 250 граѓани на Црна Гора кои се најдоа на списокот со лица што треба да бидат во самоизолација или на списокот со заразени со коронавирусот ќе ја тужат државата за повреда на правото на приватност.
Според весникот „Дан“, повеќето од тужбите ќе бидат во Подгорица, а побарувањата за надомест се движат од пет до десет илјади евра.
„Со ваквата постапка, на лицата чии лични податоци беа објавени им беше повредено правото на приватност и правото на заштита на личните податоци заштитени со чл. 40 и 43 од Уставот на Црна Гора и правото на почитување на приватниот и семејниот живот загарантирани со одредбата од чл. 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи“,
изјави за „Дан“ адвокат што ги застапува поголемиот број на оштетени.
Тој потенцира дека личните податоци биле објавени без согласност на оштетените, иако Законот за заштита на лични податоци јасно пропишува дека, посебни категории лични податоци, можат да се обработуваат само со нивна експлицитна согласност.
Уставниот суд на Црна Гора ја укина одлуката на Националното координативно тело (НКТ) за заразни болести за објавување имиња на лица во самоизолација од 21 март годинава, сметајќи дека е спротивна на Уставот на Црна Гора, Законот за заштита на личните податоци, Европската конвенција и Конвенцијата на Советот на Европа. Одлуката на Уставниот суд беше донесена на иницијатива на невладината организација „Граѓанска алијанса“.
На 21 март, НКТ објави имиња на лица на кои им беше наложена задолжителна самоизолација. Владата го објави списокот на својата веб-страница и редовно го ажурираше со нови податоци, а потоа го отстрани. НКТ веруваше дека објавувањето на списокот ќе придонесе за почитувањето на мерките за самоизолација, со цел да се заштити јавното здравје.
Иако владата го отстрани списокот, идентитетот на лицата во самоизолација остана на интернет, па и сега можат да се најдат, со оглед на тоа што, на пример, весникот Новости, во целост го објави списокот, со име презиме и адреса на живеење.
Список на лица заразени со коронавирус, исто така, протече во јавноста. По притисокот од јавноста и невладиниот сектор, истражните органи започнаа истрага, a на крајот сè се сведе на едно лице, иако, како што пишува „Дан“, јасно е дека осомничениот не бил единствениот што го поседувал списокот.