Нема решение за проблемот со тутунот. Ќе продолжиме да го носиме на вагите, но и натаму не се согласуваме дека треба само да се предаде, зашто многу е важно по која цена ќе се откупи, изјави за МИА Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари по денешната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.
Според Мирчески, нови протести нема да има. Досега, за два месеца, се откупени пет милиони килограми од вкупно планираните 25 милиони. Просечната цена е околу 150 денари, а не 166,8 денари.
Цената, нагласи Мирчески, вештачки се крева преку откупот што го врши Тутунскиот комбинат – Прилеп, но таа не го одразува реалниот просек.
Од Владата испратија соопштение во кое се наведува дека повторно се разгледале можностите за излегување во пресрет на барањата на тутунарите со цел успешна завршница на годинашната реколта и постигнување повисока просечна цена. Била изразена и волја Владата да вложи максимални напори за достигнување просечна цена од 180 денари и преземање мерки тоа реално да се оствари.
„Не прими министерот, премиерот наводно бил зафатен или отсутен. Разговаравме. Нема решение за проблемот. За она што го баравме, 100 денари субвенција за секоја класа, по 30 денари во просек, министерот дефинитивно кажа дека државата нема средства и покрај сите наши напори да го преубедиме дека има, зашто вчера беа исплатени 33 милиони за „Макпетрол“, а пред тоа и за секакви други непотребни работи. Значи, само за тутунарите нема средства. Едноставно, ни беше речено дека оваа реколта ќе оди курбан. Наше, како Иницијативен одбор, беше да го дигнеме проблемот на највисоко ниво и во тоа успеавме, но, ниту имаме механизам, ниту можеме да го решиме. Едноставно, државата не сака да го реши проблемот“,
рече Мирчески.
Како што се наведува во владиното соопштение, според министерот Хоџа, во оваа фаза е потребно да се интензивираат комуникациите и напорите, откупувачите на тутун да останат на ветеното за исполнување на обврската за откупување на вишокот тутун и да продолжи динамиката на откупот со подеднакви количини од сите категории на тутун.
„Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа на денешната средба со претставници на Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари повторно ги разгледаа можностите за излегување во пресрет на барањата на производителите на тутун за да се оствари успешна завршница на годинашната реколта и повисока просечна цена на тутунот на ниво на целата држава. Истовремено беше изразена волјата Владата да вложи максимални напори за достигнување на просечната цена на тутунот во висина од 180 денари и ќе преземе мерки тоа и реално да се оствари“,
се вели во соопштението.
Пред средбата со Хоџа, тутунарите протестираа пред Владата. Во знак на револт, симболично, запалија и одредена количина тутун. Ги повторија барањата за реална проценка и максимум одбитоци до пет проценти, но изнесоа и ново барање, за линерално зголемување на субвенциите до 100 денари за килограм.
Во меѓувреме, од Прилеп се огласи и претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, Менде Стомнароски. Апелира тутунот да се носи на вагите. Рече и дека Сојузот не е против протести, но дека динамиката на откупот мора да тече.
Според директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ, има интерес за предавање на тутунот. Сите пунктови се отворени, дождот малку ја забави динамиката, но се очекува денеска да бидат купени околу 500 тони. Има и пријави за нереална проценка, годинава најмногу. До 30 декември 2020, рече Шапуриќ, се откупени 6 250 тони, а просечната цена е 166,8 денари.
Пред новогодишните празници тутунарите имаа средба со премиерот Зоран Заев на која присуствуваше и министерот за земјоделство, Хоџа. Остварија, исто така, и неколку заеднички средби со откупувачите. На 28 декември министерот Хоџа објави дека просечната цена е 167 денари за килограм. Тој излезе и со предлог, да се укине четвртата класа тутун за да се постигне повисока цена, но потоа ретерираше, велејќи дека е подобро прво да му се даде шанса на дијалогот.
Годинава квалитетот на реколтата е послаб, но, според тутунарите, не е и толку лош за исклучително ниските цени и нереалната проценка што ја прават откупувачите.
