Најконтроверзната одредба од законот, членот 29, предвидува казна до три години затвор за ширење информации што се „спротивни на вистината“ за домашната и меѓународната безбедност, јавниот ред и здравје на Турција, а кои наводно имаат цел да предизвикаат јавна загриженост, страв и паника кај јавноста.
Турскиот парламент усвои контроверзни измени на законите за печатот и социјалните мрежи, за кои велат дека се насочени кон борба против лажните вести и дезинформациите, а според кои, за ширење дезинформации се предвидува казна затвор до три години.
Критичарите стравуваат дека поради наближувањето на изборите, мерката ќе биде искористена за понатамошно ограничување на објавувањето на социјалните медиуми и независното известување, а предупредуваат дека корисниците на социјалните мрежи може да бидат притворени доколку споделат содржина што владата ја смета за лажна.
Законот од 40 члена беше одобрен со гласовите на владејачката партија на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и нејзините националистички сојузници во парламентот.
Гласањето уследи по бурните седници во парламентот, на кои пратениците од опозицијата се обидуваа да ја попречат постапката, држејќи натписи со кои го осудија, како што го велат, „законот за цензура“.
Најконтроверзната одредба од законот, членот 29, предвидува казна до три години затвор за ширење информации што се „спротивни на вистината“ за домашната и меѓународната безбедност, јавниот ред и здравје на Турција, а кои наводно имаат цел да предизвикаат јавна загриженост, страв и паника кај јавноста.
Опозицијата соопшти дека овој закон има за цел да ги замолчи критичарите на власта пред претседателските и парламентарните избори закажани за јуни.
„Оние кои велат ‘Имаме сиромаштија’ ќе одат во затвор. Тие што велат ‘Имаме корупција’ ќе одат во затвор“,
рече Енгин Алтај, пратеник од главната опозициска Републиканска народна партија.
Турскиот претседател Ердоган се залагаше за законот за борба против дезинформациите и лажните вести, велејќи дека лажните вести и растечкиот „дигитален фашизам“ се закана за националната и глобалната безбедност.
Парламентарното собрание на Советот на Европа во средата ја повика Турција да не го усвои законот и порача дека плановите за криминализирање на ширењето „лажни информации“ ќе предизвикаат непоправлива штета на практикувањето на слободата на говорот пред изборите.