Според надлежните, во моментов постои минимална веројатност под урнатините да има уште преживеани, но потрагата ќе продолжи во најтешко погодените провинции од земјотресот – Хатај и Кахраманмарас
И покрај тоа што турските власти најавија дека спасувачките акции по преживеани и жртви завршуваат две недели по разорниот земјотрес што ја погоди земјата, сепак, потрагата под урнатините и натаму ќе продолжи во двете најтешко погодени области – Хатај и Кахраманмарас.
„Во многу од нашите провинции напорите за пребарување и спасување завршија. Ние ги продолжуваме нашите напори во овој поглед во провинциите Кахраманмарас и Хатај“,
рече Јунус Сезер, директор на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби.
Според надлежните, во моментов постои минимална веројатност под урнатините да има уште преживеани.
Властите изјавија дека ги интензивираат напорите за згрижување на милиони луѓе кои останаа без домови и побараа засолниште во соседните градови.

Според проценката на турските власти, во земјотресот се уништени 345 000 станбени објекти, а тимови за уривање веќе ќе почнат да го расчистуваат теренот.
Разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари. Вкупниот број на жртви во двете земји се искачи на 44 377.
Светската здравствена организација процени дека 26 милиони луѓе низ Турција и Сирија имаат потреба од хуманитарна помош.