Откако Турција ја финализира ратификацијата, сега вниманието е насоченоно кон Унгарија, која е единствената земја од западната воена алијанса која сè уште не го одобрила членството на Шведска во НАТО
Турција вчера и официјално ја финализира ратификацијата на членството на Шведска во НАТО, со што досега воено неутралната скандинавска земја ја дели уште еден чекор да стане полноправна членка на Северноатлантската алијанса, јавуваат светските агенции.

Единствената земја од западната воена алијанса која сè уште не го одобрила членството на Шведска е Унгарија.
Со гласањето во вторникот, турскиот парламент го поддржа приемот на скандинавската земја во Алијансата по повеќе до една и пол година застој, што предизвикуваше фрустрации кај другите западни сојузници кои тврдеа дека влезот на Шведска ќе го зајакне НАТО.
Вчера турскиот „Службен весник“, како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, повикувајќи се на агенцијата Асошиејтед прес, ја објавил одлуката на парламентот на земјата, како и претседателскиот декрет за одобрување на протоколот за пристапување на Стокхолм, со што заврши процесот на ратификација во Турција.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон во објава на социјалната платформа Икс ја поздрави одлуката на Турција велејќи дека станува збор за клучен чекор на патот на земјата кон членство во НАТО.
Welcome Türkiye’s approval of the ratification of Sweden’s NATO accession. With this, a key milestone has been reached in Sweden’s path towards NATO membership.
— SwedishPM (@SwedishPM) January 25, 2024
Шведска заедно со Финска ја напушти традиционалната воена неутралност и побара да стане членка на Северноатлантската алијанса по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Финска ѝ се приклучи на Алијансата во април лани и стана 31. членка на НАТО откако турскиот парламент ја ратификува кандидатурата на нордиската земја.
Во меѓувреме Турција продолжи да се спротивставува на кандидатурата на Шведска обвинувајќи ја земјата дека е премногу попустлива кон групите кои Анкара ги смета за закана за безбедноста и побара серија отстапки од Стокхолм, вклучително и чекори за спротивставување на курдските милитанти.
Анкара, исто така, беше незадоволна од серијата демонстрации на поддржувачите на забранетата Курдска работничка партија (ПКК) одржани во Шведска, како и од протестите со палење на Куранот, што ги вознемирија муслиманските земји.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тогаш ја поврза ратификацијата со желбата на Турција да купи борбени авиони од САД. Тој, исто така, ги повика Канада и другите членки на НАТО да го укинат ембаргото за оружје наметнато на Турција поради загриженоста за човековите права.
Откако Турција ја финализира ратификацијата, сега вниманието е насоченоно кон Унгарија.

Гласањето за протоколите за прием на Шведска во НАТО сè уште не е на дневен ред на унгарскиот парламент, а освен ненадејна итна седница, тешко дека прашањето ќе биде пред пратениците барем до крајот на февруари, пренесува РСЕ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вели дека неговата влада се залага Шведска да се приклучи на НАТО, иако посочи дека членовите на неговата владејачка партија Фидес не се убедени во „безобразните лаги“ на некои шведски политичари за состојбата на унгарската демократија.
Орбан во вторникот објави дека испратил писмо до својот шведски колега Кристерсон во кое го поканува во Будимпешта да разговара за влезот на земјата во НАТО.