Шведскиот премиер Улф Кристерсон го поздрави потегот на турскиот парламент, велејќи дека неговата земја е сега на чекор поблиску до полноправно членство во НАТО-алијансата
Tурскиот парламент вечерва го одобри пристапувањето на Шведска во НАТО, отстранувајќи ја клучната пречка за членството на нордиската земја во западната воена алијанса. По неколкучасовната дебата, турските пратеници со 287 гласа „за“ го поддржаа ратификувањето на протоколот за пристапувањето на Шведска во НАТО.

Одлуката е потребно формално да биде одобрена и од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган,
Шведскиот премиер Улф Кристерсон го поздрави потегот на турскиот парламент, велејќи дека неговата земја е сега на чекор поблиску до полноправно членство во НАТО-алијансата.
„Денес сме на чекор до полноправно членство во НАТО. Позитивно е дека Големото генерално собрание на Турција гласаше за прием на Шведска во НАТО“,
напиша шведскиот премиер на социјалната мрежа Икс.
Today we are one step closer to becoming a full member of NATO. Positive that the Grand General Assembly of Türkiye has voted in favour of Sweden’s NATO accession.
— SwedishPM (@SwedishPM) January 23, 2024
Турција, која е членка на НАТО, го одложи ратификувањето на пристапот на Шведска во Алијансата повеќе од една година, обвинувајќи ја дека е премногу попустлива кон групите кои Анкара ги смета за терористички. Таа бараше отстапки од Шведска, вклучително и построг став кон курдските активисти.
Сепак, Унгарија допрва треба да ја ратификува кандидатурата на Шведска за оваа земја официјално да стане членка на НАТО бидејќи сите други членки веќе го одобрија нејзиниот прием во Алијансата.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во вторникот објави дека испратил писмо до својот шведски колега Кристерсон во кое го поканува во Будимпешта да разговара за влезот на Шведска во НАТО.