Турските власти решија да воведат ригорозни мерки за заштита од коронавирусот. Претседателот Реџеп Таип Ердоган соопшти дека од вечерва на полноќ наметнува задолжително ограничување на движењето за оние под 20 години.
„Секој на возраст под 20 години, или оние родени по 1 јануари 2000 година, нема да смеат да излезат надвор, почнувајќи од вечерва на полноќ по локално време“,
рече Ердоган во телевизиското обраќање.
Тој вовезе и забрана за влез и излез на возила во 31 град, меѓу кои се и Истанбул и Анкара. Мерката првично важи за следните 15 дена.
Од утре започнува и задолжително носење заштитна маска.
Турскиот претседател претходно воведе и забрана за движење за лица над 65 години и за хронично болните пациенти.
Според статистичкиот веб-портал „Ворлдометар“, бројот на починати од новиот коронавирус во Турција денеска се зголеми за 69 случаи со што вкупната бројка на жртви сега изнесува 425. Потврдени се и нови заразени – 2 786 со кои вкупната бројка се искачи на 20 921.