Револтирани бидејќи, како што велат, државата останала глува за нивните барања за помош за надминување на ковид-кризата, туристичките работници утре ќе излезат на протест пред Владата за да алармираат дека без поддршка им се заканува банкрот.
„Сведоци сте на нашата борба во изминатите пет месеци за опстојување на нашиот сектор, поради кризата со ковид-19, како и барањата кои во повеќе наврати ги упативме кон сите надлежни институции, Министерство за економија, Министерство за финансии, со цел помош на туристичките агенции, водичи, пратители и превозници, но досега останаа неми за нашите апели и ниту еднаш не добивме никаква надеж дека воопшто ќе бидат разгледани. Од таа причина, одлучивме масовно да ја изразиме големината на нашиот проблем, преку мирен протест, кој ќе се одржи во среда со почеток во 16 часот“,
велат организаторите.
На протестот се пријавени повеќе од 700 учесници кои ќе бидат следени од автобуси. Маршот ќе почне симболично пред Дрво Декор, местото од каде најчесто тргнуваа туристичките тури, а ќе продолжи кон буеварот „Кочо Рацин“, улиците „11 Октомври“, „Димитрие Чуповски“ и „Васил Главинов“, булеварите „ВМРО“ и „Илинден“, до Владата.
Протесотт, нагласуваат, нема никаква политичка позадина, а со оглед дека се одржува во време на пандемија, велат дека ќе бидат запазени сите заштитни мерки, носење маски и дистанцирање.
„Само заеднички ќе успееме да се избориме за опстанок на повеќе од 5 000 вработени и повеќе од 300 агенции во целата држава“,
дополнуваат организаторите на протестот.