Доколку новата Влада и Министерството за економија итно не преземат мерки за економска помош на секторот туризам, ќе следуваат нови протести, најавуваат туристичките работници.
„Нашите барања се веќе доставени до министерот за економија Крешник Бектеши, кој е запознаен со огромните проблеми со кои се соочивме со затворањето на границите и неможноста да продолжиме да работиме и да егзистираме. Се надеваме на слух и разбирање од нивна страна бидејќи помошта ни е неопходна за да можеме да опстоиме“,
се вели во нивното соопштение.
Напоменуваат дека доаѓаат есенските и зимските денови, кои се сметаат за мртов период, а со неможноста да се реализираат летните аранжмани, уште повеќе им се отежнува ситуацијата.
„Голем дел од агенциите, превозниците и водичите со престанувањето на финансиската поддршка за плата не исплатија плати за јули и август, а веќе ни пристигнуваат опомени. Не сме во можност да ги покриеме ниту основните трошоци за плата, кирија, сметки и останатите тековни трошоци. Бараме конечна разврска на нашите проблеми, бидејќи се грижиме за работните места на вработените и нашата иднина. Подготвени сме да ги прикажеме извештаите од нашите приливи во изминатите шест месеци, за да докажеме дека состојбата е сериозна и не бараме да профитираме, едноставно да опстоиме додека да дојдат подобри времиња“,
посочуваат туристичките работници.
Според податоците на туристичките работници, во овој сектор работат над 5 000 лица, а затворање им се заканува на повеќе од 300 агенции.