„Во демократски општества, новинарите се гонат во криминална постапка за откривање информации само ако тоа води до реален ризик и непоправлива штета која го надминува јавниот интерес од нивно објавување“, вели извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Марина Тунева, која ја прашавме за коментар откако обвинителството поднесе обвинителен предлог за оддавање службена тајна против новинарот и уредник на „Економски Лидер“, Љупчо Златев.
Во изјава за „360 степени“, Тунева посочува дека одговорноста на новинарите е многу голема кога станува збор за стекнување и третман на информации добиени од доверливи извори и, во таа смисла, мошне важно е да се уверат дека изворот на информацијата нема скриена агенда.
Затоа, потсетува и на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, според кој, правото на слобода на говор доаѓа со „должности и одговорности“.
„Новинарите имаат посебни обврски во однос на остварувањето на нивното право на слобода на изразување. Заштитата што им ја овозможува членот 10 во врска со известување за прашања од општ интерес подлежи на одредба дека тие постапуваат со добра волја и на точна фактичка основа и објавуваат ’доверливи и прецизни‘ информации во согласност со етиката на новинарството. Во основа, во демократските општества криминална постапка против новинарите коишто откриваат информации се покренува само доколку објавувањето на информациите води до реален ризик од предизвикување значителна, директна и непоправлива штета што го надминува јавниот интерес од нивното објавување“,
вели Тунева.
Претходно, за обвинителниот предлог против Златев коментар побаравме и од претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски. Тој за „360 степени“ изјави дека треба да се направи анализа, но порача дека јавниот интерес може да биде посилен од законот.
„Како ЗНМ ќе го проследиме овој случај. Не се познати сите детали, за овој конкретен случај ќе треба да се направи анализа. Но секогаш кога се отвора предмет од ОЈО во доменот на слободата на изразување и правото на информирање, тоа може да биде проблематично. Јавниот интерес може да биде посилен од законот ако со објавите се демонстрира злоупотреба на одредена институција. Бараме средба со обвинителот Јовески за повеќе теми, и ова ќе биде едно од прашањата за кои ќе разговараме“,
изјави Чадиковки.
Обвинителството попладнево соопшти дека обвинителниот предлог против Златев е поднесен бидејќи во два текста месецов објавил копии од документи од УБК, сегашна Агенција за национална безбедност (АНБ), до кои дошол противправно и кои според внатрешните прописи се класифицирани како службена тајна.
Златев во текстовите, повикувајќи се на тие документи, пишуваше дека вработен во УБК не го поминал филтерот за префрлање во АНБ бидејќи неговиот татко бил дел од патриотските здруженија протестирал против промената на името.