Од ЦУК посочуваат дека од пријавените пожари еден е под контрола, а пет се изгаснати

Четиринаесет пожари на отворен простор се регистрирани до 18 часот, а од нив активни се осум, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Оттаму посочуваат дека од пријавените пожари еден е под контрола, а пет се изгаснати.
Од ЦУК велат дека активен е пожарот во село Чаниште каде гори ниска вегетација, а кој се шири со краци кон селата Крушевица, Лопатица, Дуње, а има крак и кон Црна Река во Општина Прилеп.
Сè уште е активен и пожарот кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во Општина Студеничани каде гори мешана шума.
Ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки горат во пожарот кај селата Драгов Дол и Локвица во Општина Македонски Брод.
Активен пожар, велат од ЦУК, има и кај селото Тајмиште, на месноста Дарда во Општина Кичево каде е опожарена високостеблеста букова шума.
Од ЦУК додаваат дека пожарникарите сè уште го гаснат и пожарот кај селото Никуштак, Општина Липково каде гори ниска вегетација и шума.
Последните информации од ЦУК велат дека е реактивиран пожарот на ниска вегетација и дабова шума кај село Белушино, со крак кон село Јакреново, во Општина Крушево.
Други два активни пожари има кај село Лопате, Општина Куманово каде е опожарена ниска вегетација и кај селото Ломница во Општина Врапчиште каде гори мешана шума.
Од ЦУК додаваат дека под контрола е пожарот во депонијата во Делчево.
