Претходно вечерва од ЦУК информираа оти пожарот кај селото Фурка, помеѓу општините Дојран и Богданци е локализиран, но сепак дел од ангажираните сили ќе дежураат до рано наутро, по што ќе се одлучи како ќе се дејствува за негово догасување
Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва информира за четири активни пожари на територија на земјава – во Охридско, Кумановско, Кичевско и Струмичко.
Охридски регион
Во Охридскиот регион, како што јавува ЦУК, сè уште е активен шумскиот пожар на планината помеѓу село Вапила и село Расино, каде што гори деградирана шума, а екипите во моментов се повлечени од теренот.
Кумановски регион
По дојава за пожар во местото од Куманово накај Скопје, кај село Никуштак, известени се Територијалната противпожарна единица – Куманово, лицето за контакт со Општина Липково и командирот на Полициска станица Матејче.
„Подетални информации ќе има по пристигнување на екипите на терен“,
велат од ЦУК.
Кичевски регион
Од добиените податоци од дежурниот во Територијалната противпожарна единица – Кичево, во село Другово, Кичевско е запалена плевна, а непотврдено е дека е зафатена и една куќа.
„Од 20:45 часот ТППЕ Кичево со два противпожарни возила и осум пожарникари е на интервенција на пожарот“,
информира ЦУК.
Струмички регион
Пожар има и кај село Доброшинци, каде што гори депонијата. Од ЦУК информираат оти за пожарот е известена Територијалната противпожарна единица – Струмица за преземање понатамошни мерки за гасење на пожарот.
Претходно вечерва од ЦУК информираа оти пожарот кај селото Фурка, помеѓу општините Дојран и Богданци е локализиран, односно нема активно горење.
Сепак, како што посочуваат оттаму, дел од ангажираните сили ќе дежураат до полноќ, а потоа други сили ќе дежураат до рано наутро, кога е предвидено вработени од Јавното претпријатие Национални шуми (ЈПНШ) Подружница Кожув Гевгелија да ја проценат ситацијата на локализираниот пожар на терен, по што ќе се одлучи како ќе се дејствува за негово догасување.