Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), дел од ангажираните сили ќе го догасуваат пожарот кај селото Фурка и ќе дежураат до полноќ, а потоа други сили ќе дежураат до рано наутро, кога е предвидено вработени од Јавното претпријатие Национални шуми (ЈПНШ) Подружница Кожув Гевгелија да ја проценат ситацијата на локализираниот пожар на терен, по што ќе се одлучи како ќе се дејствува за негово догасување
Со здружени и координирани сили и дејство од копно и од воздух, пожарот кај селото Фурка, помеѓу општините Дојран и Богданци е локализиран, информира вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму велат дека огнот е опкружен и догорува само во контролирани површини.
„Со локализирање на пожарот се прегрупираат силите за негово догасување. Дел од луѓето на терен ќе дежураат до рано наутро кога е предвидено вработени од Јавно претпријатие Национални шуми (ЈПНШ) Подружница Кожув Гевгелија да ја проценат ситуацијата на локализираниот пожар, по што ќе се одлучи како ќе се дејствува за негово догасување“,
велат од ЦУК.
За гасење на пожарот кај селото Фурка во текот на денот беа ангажирани еден полициски хеликоптер, еден армиски хеликоптер и авионот „ер трактор“ од Дирекцијата за заштита и спасување заедно со пожарникари и вработени во шумските стопанства и комунални претпријатија од Гевгелија, Дојран, Кавадарци, Валандово и Струмица, а помогна и дел од локалното население.