Од Центарот за управување со кризи информираат дека увид на местото ќе изврши екипа на Секторот за внатрешни работи Тетово, а известен е и јавен обвинител
Седумдесет и двегодишна планинарка, која вчера околу пладне била пријавена за исчезната, утрово е пронајдена без знаци на живот кај месноста Ружин Камен на Шар Планина, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Жената била пронајдена по повеќечасовна потрага во која биле вклучени ренџери од Националниот парк „Шар Планина“ и припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Како што информираат од ЦУК, Регионалниот центар во Тетово вчера во 11:57 часот преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 примил повик дека е исчезната повозрасна, 72-годишна планинарка на Шар Планина, во реонот на Љуботен.
Била организирана потрага, која ноќта била прекината, а продолжила утринава, откако се разденило.
„Во потрагата беа вклучени ренџери од НП ‘Шар Планина’ заедно со нивниот директор, 12 специјалци од МВР, пет полициски службеници од ПС Теарце. Утрово, од НП ‘Шар Планина’ известија дека денеска во 07:30 часот е пронајдена жената во месноста Ружен Камен, но без знаци на живот“,
се наведува во информацијата на ЦУК.
Во извлекувањето на настраданата жена, која била пронајдена на тежок и непристапен терен, се вклучил и тетовскиот алпинист Надир Мурсели, кој, како што велат од ЦУК, помага при вакви случаи на Шар Планина.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека увид на местото ќе изврши екипа на Секторот за внатрешни работи Тетово, а известен е и јавен обвинител.
Инаку, како што информираат од Центарот, вчера имало спасувачка акција кај месноста Калдрма во Дојранско Езеро откако било забележано лице како плива во езерото при лошо време, со ветер, бранови и езерски струи.
Лицето било пронајдено живо од страна на полициски службеници од полициската станица Дојран, кои интервенирале со чамец на концесионерот на езерото бидејќи Дирекцијата за заштита и спасување немала чамец.
„Конкретно, од СВР Струмица известија дека лицето испливало до брегот во близина на грчката граница. Оттаму е земено од страна на припадниците од МВР и е надвор од животна опасност. Инаку, полицајците од ПС Дојран со чамец на концесионерот на езерото беа излезени на теренот при силен ветер и бранови и вршеа пребарување на Дојранското Езерото на местото каде што било забележано лицето. ДЗС немаше чамец на Дојранско Езеро“,
се вели во информацијата на ЦУК.