Франција во изминатово деноноќие повторно забележа голема бројка на смртност откако е прогласена пандемијата на коронавирусот.
За само 24 часа, во земјата починаа 833 лица заболени од коронавирус.
Со ова бројот на починати во Франција се искачи на 8.911 од почетокот на епидемијата, јави дописникот на МИА.
Информациите ги даде министерот за здравство, Оливие Веран, кој прецизира дека во Франција вкупно има 29.752 хоспитализирани лица, од кои 7.072 се во сериозна состојба на интензивна нега.
Бројката на излекувани лица изнесува 17.250, што од вчера претставува зголемување од речиси 1.000 пациенти.
Франција има 6.494 смртни случаи во болница и 2.417 во старечки домови.
Покрај тоа, во 3.865 старски домови има регистрирано барем по еден случај со Ковид-19.
Министерот за здравство предупреди дека епидемијата сè уште е во нагорна линија и дека мерките на ограничено движење треба да продолжат и понатаму.