Тоа е тешка одлука, но подготвен сум да се носам со прозивките. Епископите ми кажаа дека многу луѓе се очајни и затоа не можам да издадам наредба за затворање на црквите, изјави Борисов
Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска соопшти дека православните цркви и храмови во земјата ќе бидат отворени за време на Цветници и Велигден, и покрај кризата со коронавирусот. Тој објасни дека тоа е затоа што многу луѓе биле очајни и со ослабнат дух.
Борисов, исто така, денеска ги повика Бугарите да останат дома и оттаму да се молат. Мисите во поголемите цркви ќе бидат пренесувани во живо на државната телевизија.
„Тоа е тешка одлука, но подготвен сум да се носам со прозивките. Епископите ми кажаа дека многу луѓе се со ослабнат дух, дека се очајни. Затоа не можам да издадам наредба за затворање на црквите“,
рече Борисов, на денешната прес конференција
Бугарскиот минитер за внатрешни работи, Младен Маринов, изјави дека полицијата ќе биде околу црквите и ќе внимава на редот и на одржување социјална дистанца.
На 13 март, Бугарија прогласи вонредна состојба во земјата и забрани собирања со повеќе од две возрасни лица.
“Православната црква нема да дели гранчиња од врба како што тоа вообичаено го прави на Цветници“,
изјави митрополитот Ловечки Гаврил и оцени дека потегот на црквата е „голем компромис“
Митрополитот додаде дека обредите за Велигден ќе се оддржуваат надвор од црквите, а Светиот синод на сите верници им препорача да носат заштитни маски.