Според предвидените уставни рокови, вклучително со роковите за одржување вонредни избори во СДСМ, целата постапка за евентуален избор на нова Влада би можела да трае и до втората половина на декември, односно и по Самитот на ЕУ на кој се очекува одлука околу одржувањето на првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите со ЕУ
Доколку утре има договор меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, за коалицирање во владејачкото мнозинство, во наредните денови ќе заседава Централниот одбор на СДСМ, кој треба да даде „виза“ за очекуваната промена на коалицискиот партнер во Владата, најавуваат за „360 степени“ високи извори од владејачката партија.
Според проценките, не е исклучено на таа седница на ЦО, Заев да ја официјализира и својата оставка во партијата, која во меѓувреме беше ставена во мирување до консолидирање на мнозинството. Сепак, тоа зависи од исходот од средбата Зев – Гаши, а доколку досегашниот лидер на СДСМ ја потврди својата оставка пред партиското тело, би почнала постапката за избор на нов претседател на партијата, кој потоа би можел да биде и нов мандатар за состав на Владата, во која, освен СДСМ и ДУИ, би партиципирала и Алтернатива.
Според Статутот на СДСМ, вонредни избори за лидер на партијата се распишуваат во рок од 15 дена откако ќе биде потврдена оставката на актуелниот лидер. Со одлуката за распишување на внатрепартиските избори се одредува и датумот за нивно одржување. Соговорниците на „360 степени“ од СДСМ велат дека, ако Заев реши да ја официјализира оставката, изборите би можеле да бидат распишани многу побрзо од предвидениот рок од 15 дена.
Потоа, доколку Заев по изборот на друг лидер на СДСМ реши да поднесе и писмена оставка на премиерската функција, во парламентот, пак, би почнале да течат и роковите од десет дена во кои претседателот Стево Пендаровски ќе треба да го даде мандатот на партијата/партиите кои имаат мнозинство во парламентот. Потоа следуваат 20 дена за преговори за кадровскиот состав и за поделбата на ресори меѓу коалициските партнери.
До изборот на нова влада на должност, како што е предвидено и со Уставот, останува досегашната влада.
Според предвидените уставни рокови, вклучително со роковите за одржување вонредни избори во СДСМ, целата постапка за евентуален избор на новата влада би можела да трае и до втората половина на декември, односно и по Самитот на ЕУ на кој се очекува одлука околу одржувањето на првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите со ЕУ.