Оставката на Заев доаѓа само седум месеци по неговиот втор реизбор на чело на СДСМ, првпат на непосредни внатрепартиски избори
Според партискиот Статут, вонредни внатрепартиски избори треба да се распишат во рок од 15 дена од престанокот на функцијата, кога се одредува и датумот за нивно одржување
Кој ќе го предводи СДСМ во наредниот период е прашањето што се отвора откако досегашниот лидер Зоран Заев поднесе оставка и од партиската функција, по поразот и во вчерашниот втор круг од локалните избори.
Оставката на Заев доаѓа само седум месеци по неговиот втор реизбор на чело на СДСМ, во март оваа година, првпат на непосредни внатрепартиски избори, на кои беше единствен кандидат.
Заев не успеа да го истера до крај третиот мандат на чело на партијата, како и вториот мандат на чело на Владата, која ја предводеше од летото 2017.
Новиот статут на СДСМ, кој меѓу другото, предвидува директни избори за лидер на партијата (со учество на сите регистрирани членови), дава можност и за одржување вонредни избори во случај на оставка на партискиот претседател.
Според партискиот статут, вонредни избори се одржуваат според истата процедура како и редовните внатрепартиски избори, а се распишуваат во случај на оставка на претседателот на партијата, со изгласување недоверба или со престанок на функцијата по кој било основ.
Одлука за распишување предвремени избори донесува Извршниот одбор на партијата, најдоцна во рок од 15 дена по престанокот на функцијата. Мандатот на претседателот избран на предвремени избори трае до „истекот на мандатниот период во кој е избран“.
Лидерот на СДСМ, според новите внатрепартиски правила, е единствениот партиски функционер кој се избира на непосредни избори, додека заменик-претседателот, Централниот и Надзорниот одбор се избираат на конгрес. Другите функции, како Извршниот одбор, секретарите и потпретседателите на партијата, се главно врзани со мандатот на лидерот.
СДСМ последниот изборен конгрес го одржа во мај годинава, кога за заменик-претседателка беше избрана Сања Лукаревска, по два мандати на Радмила Шекеринска на таа функција. Тогаш беа избрани и новите состави на Централниот и на Надзорниот одбор, по што беа избрани и нови Извршен одбор, потпретседатели и секретари на партијата.
Заев првпат беше избран на чело на СДСМ на конгресот по локалните избори во 2013 година, додека партијата ја трошеше седмата година во опозиција, а тој беше градоначалник на Струмица. Тогаш Заев го наследи на лидерската позиција Бранко Црвенковски, кој, пак, се врати на чело на партијата во 2009 година, откако му заврши претседателскиот мандат.
Во периодот 2004 – 2009, додека Црвенковски беше на чело на државата. СДСМ едно време имаше колективно претседателство, по што за незин претседател беше избран Владо Бучковски. Кога СДСМ ја изгуби власта во 2006 година, на чело на партијата дојде Шекеринска, а по нејзината оставка, по првите предвремени парламентарни избори во 2008 година, Заев стана в.д. претседател се до враќањето на Црвенковски.
Во 2017 година, кога веќе беше извесна смената на власта, односно доаѓањето на СДСМ на власт, Заев беше реизбран на чело на партијата на партиски конгрес, додека на внатрепартиските избори во март годинава за него гласаа 59 240 членови на СДСМ, а 865 беа „против“.
На изборите за претседател на СДСМ може да гласаат сите членови на партијата кои се впишани во партискиот избирачки список преку процесот на активна регистрација. Со одлуката за распишување избори во СДСМ се одредува и датумот на нивно одржување (во недела). Изборот на претседател се избира во спроведува во еден или во два ктруга гласање, во зависност од тоа колку има кандидати за функцијата. За избран се смета кандидатот кој ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број членови што гласале.