Централниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ попладнето во Велес ја одржа својата редовна седница на која се дискутирало за актуелните политички случувања во државата, извести партијата.
Во соопштението до медиумите, се вели дека на седницата била донесени два заклучоци, од кои во првиот се осудува атакот и загрозувањето на безбедноста на пратеникот Петар Ристески со палењето на неговиот автомобил, како и палењето на автомобилот на началничката на секторот за урбанизам во општина Прилеп и се бара итно да бидат изведени пред лицето на правдата не само сторителите туку и организаторите на тој дрзок и криминален чин.
Вториот заклучок на највисокото партиско тело на ВМРО ДПМНЕ меѓу два Конгреса се однесува на пратениците од коалицијата на кои им се дава силна поддршка да се спротистават на уставните измени. Тоа, според партијата е најзначаен механизам за спречување на процесот на идентитетско обезличување и асимилација кои, како што се вели во соопштението, ги прифатила антимакедонска власт на предавникот Ковачевски.

Иако референдумот се провлекува како централна тема која ВМРО ДПМНЕ ја наметна изминатите денови, а вчера за тоа прашање расправаше и доби поддршка од Извршниот комитет, во вечерашното соопштение нема ниту збор за тоа дали Централниот Комитет дебатирал за иницијативата за одржување референдум за прифаќањето на преговарачката рамка заедно со билатералниот договор со Бугарија.
Двете партии кои исто така не дадоа поддршка за францускиот предлог, Демократскиот сојуз и ДОМ, преку нивните предводници, Трајанов и Морачанин, во текот на денот, изразија дилеми околу иницијативата за референдум на ВМРО ДПМНЕ.