Едно од лицата кои беа приведени во врска со палењето на автомобилот на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристоски, е пуштено дома по извршениот распит. Другото лице останува во притвор откако го искршило мобилниот телефон во моментот кога му бил побаран за вештачење
Јавното обвинителство обезбедило снимки и за вчерашното палање на автомобилот на раководителка во општината Прилеп
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска обвини дека полицијата приведува „периферни“ лица во врска со неколкуте случаи на палање на автомобили на функционери на партијата од Прилеп. На крајот на јуни беше опожарено возилот на дирекорот на Јавното претпријалите „Комуналец“, пред неколку дена возилото на пратеникот Петар Ристески а вчера и на раководителка во општината.
Мицкоски фрли сомнеж и врз самата прилепска полиција, дека се луѓе кои се во директен договор со криминалот и луѓето со сомнително досие, и дека гонат лица кои не се поврзани со нападите.
„Информациите се дека две лица се приведени, периферни лица кои немаат никаква врска со случаевите ниту се поврзани некако. И двајцата се познати престапници на законите во Прилеп и прилепчани ги знаат“,
изјави денеска Мицкоски во Свети Николе.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ остана на тврдењето дека мотивот за нападите се притисоци врз партијата и дека полицијата треба да ги гони „инспираторите и нарачателите“. Пратеникот Ристески, претходно, го поврзуваше палањето на неговиот автомобил со неговиот став за неменување на Уставот со цел да се вметнат Бугарите во него.
Како што вчера објави „360 степени“, за палењето на возилот на пратеникот Ристески, полицијата приведе две лица. Едното лице го искршило телефонот кога му бил побаран за вештачење, па заработи кривична пријава и притвор за спречување на службено лице во вршење на службата. Второто лице веќе е пуштено дома.
„Извршен е распит. Едното лице е сеуште во притвор, а другот лице е пуштено. Се преземаат истражни дејствија за да се утврдат фактите и откријат сторителите“,
велат денеска од Јавното обвинителство.
Ваквиот став на Обвинителството посредно говори и дека истрагата сеуште нема цврсти докази против двете лица. Во меѓувреме, има напредок во дејствијата да се открие сторителот на вчерашниот инцидент – палењето на возилото на раководителка од општината.
„Обезбедени се снимки на кои се гледа како некое лице намерно го полива автомобилот со течност. Тие се обезбедени и се спроведува идентификување на сторителот. Надлежно за идентификација е МВР и кога ќе заврши процесот треба да достави кривична пријава за натамошно процесуирање“,
велат од Јавното овинителство.